Криста Пајк (50), осуденичка на смрт во американската сојузна држава Тенеси, која според медиумските извештаи преживеала неуспешно погубување со две смртоносни инјекции, повторно побарала итна медицинска помош.
Според хрватскиот портал Net.hr, кој се повикува на британскиот „Експрес“, Пајк во октомври примила две високи дози пентобарбитал, но преживеала. Таа е осудена за убиството на својата соученичка Колин Слемер во 1995 година.
По неуспешното погубување, на рацете ѝ се појавиле изгореници и плускавци, а неколку дена била без свест и приклучена на респиратор.
Според објавените информации, лекарите стравувале од сериозно оштетување на мозокот, но нејзината состојба постепено се подобрила. На 9 октомври била отпуштена од болницата во Нешвил.
„Повторно завршив на итна помош“
Во лична изјава што ја пренел магазинот „Пипл“, Пајк открила дека по враќањето во затворот повторно побарала медицинска помош.
„Веќе еднаш се вратив во службата за итна помош, но не бев повторно примена на болничко лекување“, изјавила таа.
Тврди дека тешко се приспособува на затворските услови и дека од неа се бара да извршува работни задачи што би можеле да го загрозат нејзиното здравје.
Се плаши од напад од други затворенички
Пајк побарала да не биде вратена во одделението во кое престојувала пред обидот за погубување.
Според нејзините тврдења, таму има затворенички со историја на насилно однесување, а таа моментално не е физички способна да се заштити.
„Не би можела да се одбранам ниту да побегнам ако ме нападне друга затвореничка. Се плашам дека би можела да бидам сериозно повредена“, навела Пајк.
Таа сака да учествува во заеднички оброци, образовни активности и рекреација, но во побезбедни услови.
Според извештајот, моментално најголемиот дел од времето го поминува изолирана во затворската амбуланта.
Судот ѝ дал рок на спротивната страна до 4 ноември да одговори на нејзиното барање.







