Серија необични сајбернапади погоди супермаркети во најмалку 11 европски земји, откако хакери успеале од далечина да ја зголемат температурата во системите за ладење, предизвикувајќи расипување на прехранбени производи.
Меѓу погодените земји се Италија, Германија, Холандија, Белгија, Романија, Шведска и Велика Британија.
Поради сериозноста на инцидентите, италијанската влада свика итен состанок со претставници на разузнавачките служби и Националната агенција за сајбербезбедност.
Супермаркетите принудени да фрлаат храна
Во Италија биле погодени околу 20 продавници, а властите соопштија дека нападите главно ги зафатиле системите со застарена безбедносна заштита.
На Сицилија, четири супермаркети од синџирот „Кооп“ претрпеле штета поради расипување на храната.
„Моравме сè да фрлиме. Полиците се празни“, изјавил Џузепе Спадаро, директор на групацијата што управува со овие продавници.
Во Романија биле погодени шест продавници, во Германија четири, додека во Шведска седум продавници на „Кооп“ успеале да го обноват нормалното работење.
Белгија е меѓу посериозно погодените земји, каде што федералното обвинителство веќе започнало истрага.
Како хакерите ги контролираат фрижидерите?
Современите системи за ладење во супермаркетите често се поврзани на интернет, што им овозможува на сервисните компании далечински да ја контролираат температурата и да вршат одржување.
Но, доколку овие системи немаат соодветна заштита, хакерите можат да ги искористат безбедносните пропусти и да ги променат поставките.
Истражување на компанијата за сајбербезбедност „Форскаут“ покажало дека речиси 13.000 системи за управување со ладење во 99 земји се директно достапни преку интернет.
Европската Унија бара заеднички одговор
Европските институции соопштија дека соработуваат со националните власти за справување со нападите.
„Ова не се изолирани инциденти. Мораме заеднички да бидеме отпорни и подготвени за вакви сајбернапади“, изјави портпаролот на ЕУ, Томас Рење.
Засега никој не презел одговорност за нападите, а не е утврден ниту нивниот мотив.
Романските власти оценуваат дека нападите изгледаат релативно аматерски и дека засега нема индикации за вмешаност на странска држава.
Европските служби продолжуваат со истрагите, додека супермаркетите добиваат препораки за дополнителна заштита на своите системи.







