Двајца млади охриѓани беа приведени по вознемирувачки настан на регионалниот пат Охрид–Струга, кога возачот на автомобилот со кој се движеле се обидел да избега и директно да налета на полициски службеници.
Инцидентот се случил на 12 декември 2025 година околу 16:00 часот, кога криминалистичката полиција при СВР Охрид запрела патничко возило „Поло“ со охридски регистарски таблички. Возилото го управувал Е.О. од Охрид, додека како сопатници биле А.А. (20) и Ј.Ј. (24).
Наместо да застане на знак на полицијата, возачот ја зголемил брзината и се упатил директно кон полициските службеници, по што избегал од местото на настанот. Полициските екипи брзо ги лоцирале сопатниците во селото Требеништа, општина Дебрца, каде што биле лишени од слобода.
Драмата продолжила кога возачот Е.О. се вратил, овојпат со возило „Фолксваген Туран“, и повторно со голема брзина се упатил кон полициските службеници, но успеал да избегне.
Полицијата информира дека интензивно се преземаат мерки за негово пронаоѓање, а по целосно расчистување на случајот, против сите инволвирани ќе бидат поднесени кривични пријави за дела предвидени во членовите 215 и 383 од Кривичниот законик.
















