И покрај тоа што пролетните мразови оваа година го намалија родот на јаболка, овоштарите од Преспа изразуваат задоволство, истакнувајќи дека, иако прогнозите беа песимистички, сепак не останале без род.
За разлика од претходните години кога се соочуваа со ниски откупни цени – индустриското јаболко се продаваше за 3 денари, а сортното за 15 денари по килограм – сега ситуацијата е подобрена. Цената на ајдаретот достигнала 25 денари, сортното јаболко се продава за 30 денари, додека индустриското е 9 денари по килограм. Извозот, според овоштарите, е на задоволително ниво, што дополнително ги охрабрува производителите.
Преспа претходно броела над 8.000 лица вработени во овоштарство, но денес овој број е намален на околу 1.800 до 2.000. Тоа покажува дека над 90 проценти од населението во регионот живее од производството на јаболка.
Сепак, овоштарите предупредуваат дека целиот процес е макотрпен и најисплатливо е за оние кои поседуваат поголеми земјоделски површини. Во најдобрите години, овошките произведувале и до 100.000 тони јаболка, но во последните години производството е намалено поради неповолните временски услови. Осигурувањето на посевите не е практика кај сите, бидејќи мнозина се скептични дека штетите реално се исплаќаат.
Оваа година, сепак, овоштарите ја оценуваат како успешна, со солидни цени и стабилен извоз, што ја зголемува надежта за идните сезони.














