Училиштето за театар „Од игра до претстава“, заедно со Македонски железници Инфраструктура и Македонски железници АД Транспорт, и оваа година го организираат специјалниот новогодишен настан за најмладите – интерактивната театарска претстава „Дедо Мраз дојде со воз“.
Претставата ќе се одржува секој ден од 20 до 30 декември 2025 година на Железничката станица во Скопје, со почеток од 19 часот. Публиката ќе може да го следи големото доаѓање на Дедо Мраз од Лапонија со неговиот волшебен воз, низ приказна што се раскажува на повеќе локации: музејската изложба на Македонски железници, театарска претстава во салон и посета на волшебниот воз, каде секое дете ќе добие подарок од Дедо Мраз.

Како новитет годинава, во соработка со МЖ Транспорт, ќе биде вклучен и легендарниот реставриран воз „Шпанец“, кој ќе овозможи патување низ Скопје и интеракција со ликовите од претставата. Претставата ја прикажува патувачката авантура на Дедо Мраз пред да стигне на Железничката станица, со помош на неговите елени, џуџиња, Снешко и, најмногу, децата – неговите обожаватели.
Автор и продуцент на проектот е Миодраг Костиќ, додека текстот и режијата се дело на Игор Ивковиќ. Музејската изложба е авторско дело на Ванчо Милошевски, а визуелното обликување е доверено на Бранкица Јордановска и Горан Сачкарски. Музиката е создадена од Драган Илиевски, а монтажата ја извршува Андреј Златаноски.
Во претставата настапуваат актерите Дарко Вељиќ, Андреј Серафимовски, Тодор Стојковски, Симона Петрушева, Ведра Димова и Александар Спироски, заедно со околу 40 ученици од училиштето за театар „Од игра до претстава“.

За претставата ќе се користат историски возови, меѓу кои локомотива од 1942 година, серија 33, вагон од 50-тите години на 20 век реставриран според „ОРИЕНТ ЕКСПРЕС“, како и неодамна реставрираниот воз „Шпанец“ серија 712/714.
Билети можат да се купат на билетарницата на Железничката станица – Скопје, секој работен ден од 12 до 19 часот. Резервации се можни на е-пошта [email protected] или на телефонскиот број 075 295 905.














