ПРВ.мк
Црна Хроника

НОЌНА ОПЕРАЦИЈА: Ликвидиран висок командант на Хамас - дали е ова нов удар?

НОЌНА ОПЕРАЦИЈА: Ликвидиран висок командант на Хамас - дали е ова нов удар?
Kristal

Израелската армија изврши воздушен напад врз автомобил во градот Газа, при што животот го загубија четири лица, а најмалку 25 беа ранети, соопштија медицински извори. Според повеќе израелски медиуми, кои се повикуваат на безбедносни извори, цел на нападот бил Раед Саед – висок командант на Хамас и еден од главните планери на нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година.

Хамас, како и здравствените власти во Газа, засега официјално не потврдија дали Саед е меѓу убиените, пренесува агенцијата Ројтерс. Израелската армија, пак, потврди дека извршила напад врз „висок командант на Хамас“ во градот Газа, но не го соопшти неговото име ниту даде дополнителни детали за самата операција.

Доколку се потврди дека Раед Саед е убиен, тоа би претставувало најзначајното ликвидирање на висок функционер на Хамас од почетокот на примирјето, кое стапи на сила во октомври оваа година.

Според неименуван израелски одбранбен функционер, Саед бил раководител на силите на Хамас задолжени за производство на оружје. Извори блиски до организацијата го опишуваат како втор човек на вооруженото крило на Хамас, веднаш по Из ад-Дин ал-Хадад. Истите извори наведуваат дека Саед командувал со баталјонот на градот Газа, кој се смета за еден од најголемите и најдобро опремени во рамки на милитантната структура.

Иако на 10 октомври беше договорено примирје, со кое беше овозможено враќање на стотици илјади Палестинци во разурнатите делови на градот Газа, делумно повлекување на израелските трупи и зголемен прилив на хуманитарна помош, насилството не е целосно запрено. Според податоците на палестинските здравствени власти, од почетокот на примирјето израелските сили убиле најмалку 386 лица во Појасот Газа.

Од израелска страна, пак, е соопштено дека во истиот период биле убиени тројца израелски војници и дека биле изведени напади врз десетици борци на Хамас. Израелската армија претходно информираше и дека двајца нејзини војници биле ранети при експлозија на направa за време на, како што беше наведено, „операција за расчистување на подрачје од милитантна инфраструктура“, при што засега не е јасно дали овие инциденти се меѓусебно поврзани.

Воениот конфликт во Газа започна по нападот на милитантите предводени од Хамас на 7 октомври 2023 година, кога во јужен Израел беа убиени околу 1.200 лица, претежно цивили, а 251 лице беше киднапирано и одведено во Појасот Газа. Како одговор, Израел започна масовна воена офанзива, во која, според податоците на здравствените власти во Газа, досега загинале повеќе од 70.700 Палестинци, исто така најголем дел цивили.

FixCredit
Escape