Грчките земјоделци, кои веќе неколку дена протестираат поради доцнењето на исплатата на субвенциите и растечките трошоци за производство, ја одбија поканата на Владата за разговори, со што преговорите остануваат во застој, објави „Катимерини“.
Земјоделците најавија дека в недела ќе ги достават своите барања директно до премиерот Киријакос Мицотакис и до надлежните министерства, барајќи јасни одговори пред евентуална средба. Тие исто така посочија дека се подготвени да го зголемат интензитетот на протестите доколку не добијат задоволителен одговор.
Илјадници земјоделци со трактори и камиони поставуваат блокади низ целата земја, предизвикувајќи нарушувања во сообраќајот на главните автопати и повремено блокирајќи гранични премини. Тие бараат исплата на над 600 милиони евра задоцнета помош од Европската Унија и други неплатени средства.
Граничниот премин „Евзони“ (Богородица) од 11:00 часот е затворен за сообраќај, информираше АМСМ. Од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата, па граѓаните можат да ги користат другите гранични премини.













