ПРВ.мк
Црна Хроника

Пожарите ја зафатија државата: Најкритично во скопско Визбегово - ЦУК со детали

Пожарите ја зафатија државата: Најкритично во скопско Визбегово - ЦУК со детали

Во текот на денешниот ден низ државата биле регистрирани вкупно 13 пожари на отворен простор, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Според последниот пресек на состојбата до 20 часот, еден пожар сè уште е активен, еден е ставен под контрола, додека останатите 11 пожари се целосно изгаснати благодарение на брзата интервенција на пожарникарските екипи и надлежните служби.

Активен останува пожарот во скопско Визбегово, на територијата на Општина Бутел, каде што гори депонија. Под контрола, пак, е ставен пожарот на градската депонија во Демир Хисар.

Во текот на денот успешно биле изгаснати пожарите на повеќе локации, меѓу кои Љуботенски пат во Бутел, патот кон Страхојадица во Општина Зелениково, селата Булачани и Средно Коњаре, Бардовци, Лениште, просторот кај Кадмо плажа во Охрид, пред патарината кај Градско, населбата Насеље во Штип, Слупчански пат во Липково и селото Псача во Општина Ранковце.

Според информациите од ЦУК, во најголем дел од случаите гореле сува трева, ниска вегетација, трње, отпад и поединечни дрвја.

Надлежните служби и понатаму ја следат состојбата на терен и остануваат подготвени за интервенција доколку се појават нови жаришта.