Јосип Оршуш (40), кој беше во бегство поради убиство и ранување во населбата Ситнице во северна Хрватска, е уапсен во Словенија, потврди локалната полиција, пренесе „Индекс.хр“.
Апсењето се случило во општина Чреншовци, а Оршуш моментално е во притвор во Полициската управа Мурска Собота. Полицијата во Чаковец веќе подготвува налог за негова екстрадиција во Хрватска, јави 24ur.
Началникот на Секторот за криминалистичка полиција, Бојан Роус, соопшти дека апсењето следело откако очевидец го препознал бегалецот и веднаш ги известил властите. Полициските патроли брзо интервенирале и го лишиле од слобода.
Јосип Оршуш застрелал 28-годишна и 29-годишна жена во близина на Мурско Средишќе. Помладата жена, бремена мајка на три деца, починала во болницата во Чаковец, додека втората жена, неговата партнерка, се бори за живот поради сериозни повреди.
Во петокот, словенечката полиција го пронашла автомобилот со кој Оршуш избегал, во близина на градот Раскрижје. Министерот за внатрешни работи, Давор Божиновиќ, истакна дека најверојатно станува збор за случај на фемицид и потврди дека убиената жена претходно била сместена во безбедна куќа поради семејно насилство.

















