Грчкиот остров Крит повторно е во шок по ужасна семејна пресметка во селото Вориција, недалеку од Ираклион, каде што беа убиени двајца луѓе, а околу 15 други се ранети. Дел од повредените, поради интензивната размена на оган, биле пренесени во болница дури со трактори, бидејќи амбулантните возила не можеле да се приближат до местото на настанот.
Според првичните полициски информации, причина за конфликтот било купување куќа – едно семејство од долниот дел на селото (Като Хорио) купило имот во горниот дел (Пано Хорио), што го разгневило друго семејство од истата област. Наводно, разгневените роднини дури нуделе пари за купувачите да се откажат од зделката, но тие одбиле. Како одмазда, вечерта пред инцидентот во куќата во изградба била поставена експлозивна направа која, иако не предизвикала жртви, го запалила фитилот на новиот крвав конфликт.
Во саботното утро, околу 10 часот, селото се претвори во бојно поле. Одекнуваше пукање од калашникови и пиштоли, куршуми летаа кон куќите и планините, а на земја паднаа двајца мртви и петнаесет ранети, меѓу кои и неколкумина во тешка состојба.
Полицијата итно го опколи селото, ангажирајќи специјални единици и хеликоптери, успевајќи да го спречи натамошното пукање. Но, дел од вооружените лица успеале да избегаат и сега се кријат во планините околу Вориција.
Ситуацијата е крајно напната, а грчките власти испратија воени и антитерористички единици (ЕКАМ) кои ќе останат на терен сè додека не бидат пронајдени сторителите. Се вршат претреси во куќи за пронаоѓање оружје и докази.
Сведоците опишуваат сцени на вистински хаос: „Видов автомобил од кој се пукаше во сите правци. Не знаев од каде доаѓаат куршумите. Моето возило беше погодено, гумите дупнати – едвај останав жив“, изјави еден од жителите за локалната телевизија.
Во болниците во Ираклион владееле тензии и плач. Роднините на жртвите се судриле со полицијата, а поради можни нови инциденти, ранетите од спротивставените семејства биле префрлени во различни здравствени установи.
Овој крвав инцидент потсетува на масакрот од 1955 година, кога во истото село беа убиени шест лица, а 14 беа ранети во слична семејна одмазда. Крит повторно се соочува со своето темно минато, каде што старата крвна освета повторно ја разгоре омразата меѓу соседите.
















