ПРВ.мк
Црна Хроника

Трагедија во Шутка - Почина уште еден осуденик осуден за случајот '27ми Април' - ова се причините!

Трагедија во Шутка - Почина уште еден осуденик осуден за случајот '27ми Април' - ова се причините!
Kristal

Денеска јавноста ја потресе веста дека почина Кире Ѓорѓиевски, еден од осудените во предметот за настаните од 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија. Тој издржуваше 13-годишна затворска казна за претепувањето на Зијадин Села, настан што остави длабоки политички и општествени последици.

Веста за неговата смрт ја потврди неговиот сопатник во случајот, Горан Ангелов – Ќосето, кој на социјалните мрежи напиша емотивна порака: „Почивај во мир, Кире. И ти не дочека како братот Игор Југ да ја видиш слободата! Уште колку треба да умреме од ’27’ за да се наситите, уште колку додека ја чекаме правдата!“

Ѓорѓиевски беше бранител од конфликтот во 2001 година и во јавноста важеше за човек кој сметаше дека неправедно е осуден. Тој постојано го негираше делото за кое беше обвинет – дека бил оној кој му ги нанел најтешките удари на пратеникот Зијадин Села во собраниските инциденти.

И покрај неговата жалба, Апелациониот суд ја потврди 13-годишната затворска казна, изречена од Основниот кривичен суд Скопје. Во 2017 година, додека сè уште беше во притвор, Ѓорѓиевски беше жестоко претепан од група затвореници, по што неколку месеци беше под медицински надзор.

Неговата смрт доаѓа само неколку месеци по смртта на друг осуден од истиот предмет – Игор Југ, кој почина во февруари годинава на 54-годишна возраст.

Со тоа, ова е втора трагедија меѓу осудените за „27 април“ во 2025 година. И Ѓорѓиевски и Југ поминаа повеќе од осум години зад решетки, а според нивните блиски, до последен момент се надевале дека ќе ја дочекаат правдата и слободата.

Случајот „27 април“ и денес останува една од најконтроверзните и најполитизирани судски постапки во поновата историја на Македонија, а смртта на Ѓорѓиевски повторно ја отвора дебатата за состојбите во затворите, здравствената грижа и правичноста на судските одлуки.

Escape