Авион на германската авиокомпанија „Луфтханза“ со 198 патници бил принудно пренасочен кон Лион откако за време на летот се запалила пренослива батерија на еден од патниците.
Инцидентот се случил во саботата навечер на летот LH1170 од Франкфурт кон Лисабон. Во авионот „Ербас А321-200“, покрај патниците, имало и шест членови на екипажот.
Екипажот веднаш реагирал и ја ставил запалената батерија во специјална заштитна вреќа наменета за литиумски батерии. Поради безбедносни причини, пилотите донеле одлука авионот да биде пренасочен кон Лион, при што била прогласена вонредна ситуација за леталото да добие приоритет при слетувањето.
Авионот безбедно слетал непосредно пред 20 часот по Гринич, а патниците нормално го напуштиле леталото. Во инцидентот немало повредени.
Сите 198 патници и шесте членови на екипажот биле сместени во хотел, а било организирано продолжување на нивното патување кон Лисабон.
Од „Луфтханза“ изразиле жалење поради прекинот на патувањето и нагласиле дека безбедноста на патниците и екипажот е нивен главен приоритет. Компанијата од јануари 2026 година не дозволува користење и полнење преносливи батерии за време на летовите.









