Полицијата во Гевгелија поднесе кривична пријава против 55-годишен жител на Скопје поради сомнение дека злоупотребил туѓи лични податоци за да добие кредит од финансиско друштво.
Според информациите од МВР, осомничениот без согласност на жител од Гевгелија незаконски ги прибрал и искористил неговите лични податоци. Потоа изработил лажна патна исправа со тие податоци и ја употребил при аплицирање за кредит во финансиско друштво во Скопје.
Со доставување невистинити информации за својот идентитет и имотна состојба, успеал да добие кредит во износ од 90.000 денари. Со измамата се стекнал со противправна имотна корист, а дополнително предизвикал материјална штета од 58.694 денари.
Против него се поднесени кривични пријави за измама при добивање кредит, злоупотреба на лични податоци и фалсификување исправа. Случајот ќе добие судска разрешница во понатамошната постапка.







