Додека бројот на разводи во Хрватска расте, неколку мали градови се вистинска реткост – во нив веќе две години по ред нема ниту еден развод!
Според податоците што ги пренесува Dnevnik.hr, во текот на минатата година во Хрватска биле регистрирани 17.206 свадби, што е 100 помалку отколку во 2023 година, но она што го привлече вниманието е феноменот на четири града каде што немало ниту една раскината брачна заедница.
Градовите Пазин, Лабин, Бузет и Краљевица не регистрирале ниту еден развод во 2024 година, а дел од нив веќе втора година по ред не познаваат што значи официјален брачен крај.
Психологот и психотерапевт Наташа Басаниќ Чуш го објаснува овој феномен:
„Животот во пар е многу тежок, бара заеднички раст, компромис, толеранција – сè што не е баш карактеристично за западниот свет на 21 век. Хрватите се дел од таа култура, но кај нас сè уште се задржани традиционални вредности,“ вели таа.
И додека целата држава бележи пораст на разводи – 4.961 во 2024 година, што е за 554 повеќе од 2023, овие четири града покажуваат дека можеби постојат услови каде љубовта и бракот сè уште се одржуваат со стабилност и разбирање.
Интересно е што една година претходно, дури девет градови во Хрватска немале ниту еден развод, а Пазин, Бузет и Краљевица се на списокот веќе втора година по ред.
Дали станува збор за мали средини со посилно чувство за заедништво, или за луѓе кои навистина се посветени на партнерството – останува да се истражи, но едно е сигурно: љубовта во некои градови сè уште не се предава.