Под влијание на циклонска активност и многу ладна воздушна маса од Русија, времето во Македонија ќе биде невообичаено ладно за почетокот на октомври. Денес и утре (3 октомври) се очекуваат обилни врнежи од дожд, локално над 60 литри на метар квадратен, а на планините врнежите ќе бидат од снег, со формирање на првата сериозна снежна покривка за сезоната, над 50-60 сантиметри.
Ветерот ќе дува повремено засилено од северен правец. Поради заладувањето, снег ќе има и во повисоките градови во западните и северните предели.
Во Скопје и околината ќе биде облачно и ладно, со пообилни врнежи од дожд, а на околните планини врнежи од снег. Локално се очекуваат 30-40 литри дожд на метар квадратен, со формирање на снежна покривка на планините.
Температурите денес ќе се искачуваат од 3 до 10 степени, додека утре ќе бидат уште поладни, со максимални дневни од 0 до 9 степени. На планините температурите ќе бидат под нулата со појава на мраз.
Апел за возачите: при патување низ планински превои задолжително носете зимска опрема и внимателно управувајте со возилата поради мразот и обилните снежни врнежи.