Седумдесет и деветгодишен пензионер од Велес станува првиот осуденик во Македонија кој ќе ја издржува казната затвор во својот дом под електронски надзор. Казната, што е во траење од три месеци, ќе се спроведува преку куќен притвор со алка на ногата.
Пресудата е донесена од Основниот суд во Велес, а осудениот побарал одложување на издржувањето, но судот го одбил барањето. По изработка на индивидуална програма од пробациски службеник, ќе биде поставена опремата за надзор.
Велешанецот е прогласен за виновен по член 190-а, став 2 од Кривичниот законик, за полово вознемирување.
Управата за извршување санкции веќе формираше посебно одделение за електронски надзор. Алките функционираат преку рутер со сим-картичка, кој испраќа сигнал доколку осуденикот се оддалечи од дозволениот периметар или ја помести опремата. Во таков случај, прво се контактира осуденото лице или блиско лице, а ако нема одговор, се известува полицијата.