Во рок од само пет дена во Хрватска се забележани два случаи на трајно оштетување на видот кај деца на возраст од 12 и 13 години. Во двата случаи дошло до сериозно оштетување на мрежницата на едното око, што значи дека двете деца сега ќе го поминат остатокот од животот гледајќи само со едното око, известува порталот „Zdravlje“.
Првиот инцидент се случил кога дете, кое добило ласерски уред како подарок, било примено во болница поради оштетување на мрежницата предизвикано од силен ласерски зрак. Уредот, купен преку интернет, имал излезна моќност од 100 mW, што повеќекратно ги надминува безбедносните прагови за директно изложување на очите. Ласерите со таква моќност во медицинската практика се користат само во строго контролирани услови за лекување на одредени болести на мрежницата.
Вториот случај се случил пет дена подоцна, кога друго дете било изложено на интензивна ласерска светлина и развило трајни промени на мрежницата предизвикани од фототрауматско оштетување. И ова дете ќе остане со вид само на едното око.
Овие случаи го истакнуваат сериозниот ризик од користење на моќни ласери без соодветно означување и медицински надзор. Иако повредите не се резултат на болест или генетско нарушување, тие имаат долгорочни последици врз квалитетот на живот на децата.

















