Силна зимска бура го зафати источниот и јужниот дел на Соединетите Држави, при што животот го загубија најмалку седум лица, а стотици илјади домаќинства останаа без електрична енергија. Временските услови, кои Националната метеоролошка служба ги опиша како „загрозувачки по живот“, предизвикаа затворање на училишта, блокирање на патиштата и откажување на повеќе од 11.000 летови ширум земјата.
Во Луизијана, двајца мажи починале од хипотермија, а смртни случаи беа пријавени и во Тексас, Тенеси и Канзас. Во Канзас, телото на жена беше пронајдено покриено со снег, а властите наведуваат дека најверојатно подлегнала на студот. Градоначалникот на Остин, Тексас, исто така потврди дека пријавената смрт е поврзана со ниските температури.
Според poweroutage.us, повеќе од 800.000 домаќинства останале без струја до недела попладне, а метеоролозите предупредуваат дека опасностите од мразот се една од главните закани од бурата, со ризик од урнати дрвја, далноводи и опасни патишта. Во Вирџинија и Кентаки веќе се пријавени стотици сообраќајни несреќи.
Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, на социјалната мрежа X напиша дека најмалку пет лица во градот починале, иако причините за смртта сè уште се утврдуваат. Гувернерката на Њујорк, Кети Хочул, ги повика граѓаните да останат дома, додека гувернерот на Кентаки, Енди Бешир, предупреди дека мразот ќе создаде дополнителни опасности.
Обилни снежни врнежи погодиле и Канада, каде што стотици летови биле откажани, а во покраината Онтарио се очекува да наврнат помеѓу 15 и 30 сантиметри снег. Вкупно, бурата може да влијае на околу 180 милиони Американци, што е повеќе од половина од населението на земјата, нагласуваат метеоролозите.

















