Александар Вучиќ се појави во несекојдневна улога во нов предизборен спот, во кој глуми келнер што ги прима „нарачките“ на едно семејство во ресторан. Наместо храна и пијалаци, членовите на семејството „нарачуваат“ политички ветувања и приоритети за иднината на Србија.
На масата се редат различни барања – автопати, повисоки плати и пензии, нови породилишта и бесплатно образование. Дел од членовите на семејството бараат и зачувување на Косово и Метохија, како и продолжување на политиката Србија да не воведува санкции кон Русија.
Во една од сцените, помлад член на семејството вели дека сака „Вучиќ да си оди“, по што таткото се вмешува и неговата „нарачка“ ја пренасочува кон бесплатно образование.
Посебен дел од спотот е посветен и на надворешната политика. Девојка на масата бара членство на Србија во Европската Унија и НАТО, на што Вучиќ одговара дека „НАТО го нема, но има мир и стабилност“.
На крајот Вучиќ, сè уште во улога на келнер, прашува што сакаат за десерт. Таткото бара стабилен курс на динарот, а Вучиќ одговара: „Договорено“. Спотот завршува откако тој се оддалечува од масата, а бабата коментира: „Фин човек“.
Видеото е дел од предизборната кампања во Србија пред парламентарните избори закажани за 25 октомври.










