ПРВ.мк
Балкан

(ВИДЕО) „ПИНК ПАНТЕРИ“ повторно во акција: Уапсени двајца членови за сериозен грабеж во соседството - полицијата со детали!

(ВИДЕО) „ПИНК ПАНТЕРИ“ повторно во акција: Уапсени двајца членови за сериозен грабеж во соседството - полицијата со детали!
Kristal

По повеќемесечна меѓународна истрага, во Бугарија и Хрватска се уапсени две лица осомничени за грабежот на златарница во хотелски комплекс на Халкидики, извршен на почетокот на септември минатата година, при што биле украдени часовници и накит во вредност од речиси 580.000 евра. Според информациите од грчките власти, станува збор за членови на добро познатата криминална организација „Пинк Пантери“.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, апсењата се извршени врз основа на издадени европски потерници за учество во криминална организација, грабеж, фалсификување документи и прекршување на законот за оружје. Уапсените се на возраст од 48 и 46 години, а според грчките медиуми, двајцата се српски државјани.

Од грчката полиција информираат дека станува збор за лица кои припаѓаат на меѓународна криминална мрежа, дел од балканскиот организиран криминал, позната под името „Pink Panthers“. Оваа група е специјализирана за грабежи на златарници и е препознатлива по високото ниво на организација, внимателно планирање, брза изведба и софистицирани методи на дејствување.

Истрагата, која била спроведена во тесна соработка со странски полициски служби од повеќе европски земји и со поддршка од EUROPOL, утврдила дека најмалку четворица членови на групата дејствувале на грчка територија во периодот од 20 август до 2 септември 2025 година, со единствена цел – извршување на грабежот.

Членовите на криминалната организација влегувале во Грција во различно време, користејќи лажни патни исправи. За движење користеле изнајмени возила на кои поставувале украдени регистарски таблички за да го отежнат нивното следење и идентификација. Пред грабежот, локацијата била внимателно набљудувана во повеќе наврати, а планот детално разработен. За бегство и транспорт по извршувањето на делото, користеле комбинација од автомобили и електрични тротинети.

За време на самиот грабеж, 48-годишниот осомничен, заедно со соработник кој сè уште е во бегство, со закани со оружје ги заплашил двајцата вработени во златарницата и одзел луксузни часовници и накит во вкупна вредност од точно 579.805,75 евра. Во исто време, уапсениот 46-годишен, заедно со засега неидентификувана жена, имал улога на логистичка поддршка – тие се претставувале како обични гости, го набљудувале просторот околу златарницата и обезбедувале информација за движењата на луѓето.

Според снимките од безбедносните камери, кои беа објавени во грчките медиуми, целиот грабеж траел нешто повеќе од една минута, што уште еднаш ја потврдува брзината и прецизноста со која дејствува оваа криминална група.

Грчките власти најавуваат дека истрагата продолжува со цел идентификација и апсење на останатите членови на групата, како и враќање на украдениот накит и часовници.

ВИДЕО

FixCredit
Escape