Автомобилскиот сообраќај низ државата во моментов се одвива без поголеми пречки, но возачите треба да бидат особено внимателни поради влажни коловози и локални снежни врнежи. На Попова Шапка се бележат врнежи од снег со променлив интензитет, кои засега не го попречуваат движењето на возилата.
Сепак, АМСМ информира дека од 17:00 часот е во прекин сообраќајот на Граничниот премин Евзони (Богородица) за сите видови возила.
Препораки за безбедно возење Автомобилските служби апелираат до возачите да ја прилагодат брзината на условите на патот, да ги почитуваат поставените сообраќајни знаци и да бидат внимателни, особено на делниците низ котлините, речните долини и клисурите, каде постои ризик од одрони.
Посебно внимание се препорачува на следните патни правци:
- Катланово – Велес
- Маврово – Дебар – Струга
- Виница – Берово
- Кочани – Делчево
Возачите се советуваат да возат претпазливо и да имаат целосно зимска опрема, со оглед на променливите временски услови кои можат брзо да се влошат, особено на планинските и високопланинските делници.
















