Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во божиќното интервју истакна дека државата наскоро ќе набави најсовремено оружје, вклучувајќи системи за воздушна одбрана, со што Србија ќе стане една од првите земји во Европа со ваков напреден систем. Договорите за набавка, според него, треба да се потпишат во наредните денови.
Вучиќ оцени дека Србија значително ја зајакнала својата безбедносна позиција, додавајќи дека граѓаните не треба да се грижат за состојбата на војската, при што единствен предизвик останува зголемувањето на бројот на припадници.
Во контекст на глобалната безбедност, претседателот предупреди на растечките светски тензии, потенцирајќи дека Србија мора да го зачува мирот и стабилноста, но и да биде доволно силна за заштита на својата територија. Тој се осврна на настаните во Венецуела, Иран и односите меѓу големите сили, оценувајќи дека светот е во драматична промена.
Економски, Вучиќ најави дека 2026 година ќе биде најдобрата година во историјата на Србија, со раст на платите и пензиите и стабилна инфлација. Тој истакна дека инфраструктурните проекти, автопатите и железничките линии директно придонесуваат за економскиот развој и подобрување на животниот стандард.
Претседателот најави и потенцијални реформи во образованието, укажувајќи дека сегашниот систем не ги задоволува современите потреби, како и долгорочни решенија во енергетиката, вклучително изградба на нуклеарни капацитети.















