Со почетокот на 2026 година се случи значаен чекор во европската интеграција на две земји-кандидатки. Од 1 јануари, Украина и Молдавија официјално влегоа во ЕУ зоната „Роамирај како дома“, со што нивните граѓани добија можност да користат мобилни услуги во Европската Унија без дополнителни трошоци за роаминг – исто како граѓаните на ЕУ уште од 2017 година.
До пред само неколку месеци ваков развој изгледаше малку веројатен, но европските процеси често се одвиваат тивко и ненаметливо, сè додека не станат реалност. Украинските и молдавските корисници сега можат слободно да остваруваат повици, да испраќаат пораки и да користат мобилен интернет во земјите на ЕУ, без дополнителни надоместоци. Истите услови важат и за граѓаните на ЕУ кои патуваат или комуницираат со овие две држави.
Политиката „Roam Like at Home“ функционира по едноставен принцип – кога патувате во земја што е дел од оваа зона, мобилните услуги ви се наплаќаат по истите тарифи како во вашата матична држава, без скриени или дополнителни трошоци.
Во текот на 2026 година се очекува истото да се случи и со Црна Гора и Албанија, двете земји од Западен Балкан кои моментално се најнапред во процесот на пристапување кон Европската Унија. За разлика од нив, Македонија повторно останува надвор од овие планови, заедно со Србија и Босна и Херцеговина – земји кои се соочуваат со сериозен застој во евроинтеграциите.
Приклучувањето на Украина и Молдавија следуваше по одлуките на Советот на ЕУ, со кои беше одобрена нивната интеграција во рамката „Roam Like at Home“. Украина доби зелено светло на 15 јули 2025 година, а Молдавија на 25 јули истата година. Овој процес беше резултат на долготрајна техничка и законска усогласеност со европските стандарди.
Режимот без роаминг е во сила во ЕУ од 2017 година и овозможува непречена мобилна комуникација низ земјите-членки, без губење на квалитетот на услугата. Проширувањето кон Украина и Молдавија се смета за важен чекор во зајакнувањето на дигиталната поврзаност и економската соработка меѓу Унијата и соседните партнери.
Најавувајќи го приклучувањето на Албанија и Црна Гора, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен истакна дека оваа мерка е корисна за економијата, туризмот и, пред сè, за зближување на граѓаните. Сепак, нејзината иницијатива наидува на отпор и скептицизам кај дел од телекомуникациските оператори и кај некои земји-кандидати.
И Украина и Молдавија предупредуваат дека проширувањето на роаминг зоната не смее да се прави набрзина и без строги критериуми. Нивните претставници истакнуваат дека процесот низ кој поминале бил сложен и ригорозен и дека сите идни членки треба да бидат подложени на исто ниво на техничка и регулаторна проверка.
Дополнителен проблем е распределбата на трошоците, особено за земјите како Албанија и Црна Гора, каде што во летниот период се очекува голем прилив на туристи од ЕУ, што може да создаде финансиски притисок врз операторите.
Европската комисија, поради овие отворени прашања, ја одложи презентацијата на стратегијата за понатамошно проширување на роаминг зоната до пролетта 2026 година.
Во целиот овој процес, Македонија останува на маргините. Во најновите планови за проширување на бесплатниот роаминг, земјата не се споменува како можен кандидат во блиска иднина, што уште еднаш ја нагласува цената на застојот во европските интеграции и во конкретните придобивки за граѓаните.
















