ПРВ.мк
Балкан

Убиено 14-годишно момче: Полицијата уапси малолетник осомничен за нападот

Убиено 14-годишно момче: Полицијата уапси малолетник осомничен за нападот

Четиринаесетгодишно момче починало откако било избодено со нож на улица во Призрен, а полицијата набргу по нападот уапсила 17-годишник осомничен за убиството.

Случајот бил пријавен околу 23:45 часот, откако минувачи го забележале тешко повреденото момче како лежи на улицата.

Екипа на Итната медицинска помош пристигнала на местото и го пренела 14-годишникот во Регионалната болница во Призрен. И покрај обидите на лекарите да му го спасат животот, момчето починало кратко по приемот.

Полицијата веднаш започнала потрага, а само неколку улици подалеку бил пронајден и уапсен 17-годишниот осомничен. Според информациите што ги пренесуваат локалните медиуми, кај него бил пронајден и одземен нож за кој постои сомнение дека бил употребен во нападот.

Телото на починатото момче е испратено на обдукција во Институтот за судска медицина.

Од Основното обвинителство во Призрен соопштиле дека против малолетниот осомничен е поведена постапка за тешко убиство и неовластено носење оружје.

Осомничениот е задржан, а обвинителството во законски предвидениот рок треба да побара соодветна мерка.

Според досегашните информации, мотивот за нападот не е познат. Полицијата и обвинителството продолжуваат со собирање докази и разговори со сведоци за да се утврди што точно му претходело на трагичниот настан.