Нова драма се одвива во Белград, каде што психијатриската клиника во која е сместено момчето одговорно за масакрот во основното училиште „Владислав Рибникар“ е речиси целосно испразнета поради сериозни оштетувања на објектот.
Според српските медиуми, сите останати пациенти биле отпуштени или итно преместени во други здравствени установи, додека малолетникот кој во мај 2023 година го изврши масовното убиство останал единствениот пациент во клиниката.
Репортерите на српски „Курир“ денеска ја посетиле установата и забележале дека поголемиот дел од зградата е во мрак, а светло има само во одредени простории.
Причината за евакуацијата е сериозен проблем со водоводните инсталации, по што дошло до оштетување на дел од темелите и слегнување на земјиштето.
Според информациите од извори во установата, проблемите започнале пред околу две недели, кога вработените биле известени за оштетувањата.
Во петокот, на 13 ноември, по итна постапка биле отпуштени или преместени околу 15 млади пациенти кои се лекувале од невролошки и психијатриски заболувања.
Дел од нив биле упатени во други здравствени установи, меѓу кои и клиниката „Лаза Лазаревиќ“.
Засега не е донесено конечно решение каде ќе биде преместено момчето кое го изврши масакрот во „Рибникар“.
Тој е сместен во клиниката од мај 2023 година, кога како 13-годишник уби девет ученици и училишен чувар во белградското основно училиште.
Бидејќи во моментот на злосторството немал наполнети 14 години, според законите на Србија не можел кривично да одговара.
Неговиот престој во здравствената установа не претставува издржување затворска казна, туку медицинско и институционално згрижување.










