Граѓанските протести и блокади во Белград продолжуваат со зголемена тензија, откако полицијата синоќа и ноќта ја растурија блокадата на студентите, приведувајќи вкупно 79 лица низ Србија, пренесува Н1 телевизија.
Во најголемиот инцидент на Правниот факултет, каде полицијата физички ги нападна студентите кои мирно седеле на клупа, четири лица беа повредени и пренесени во Воено-медицинската академија, од кои едно имаше скршена клучна коска. Студентите го осудуваат овој напад како невидена репресија и ги повикаа граѓаните на целосна блокада на Белград во петок, со почеток од 7 часот наутро.
„Сите на улица! Белград ќе биде во застој утре. Повикуваме на целосна блокада како одговор на полициската бруталност. Ова е повик до сите – граѓани, моторџии, ветерани, таксисти, земјоделци“, соопштија студентите.
Во меѓувреме, Народниот правобранител објави дека четворица од уапсените за време на протестите претрпеле физичко насилство за време на полициските испрашувања. Тие го посетија и се сретнаа со граѓаните уапсени на јавните собири, вклучувајќи и лица обвинети за подготовка на дело против уставниот поредок.
Дополнително, Основниот суд во Нови Сад објави дека четворица активисти на Српската напредна партија, обвинети за напад на студенти во јануари, добиле помилување од претседателот Александар Вучиќ и се ослободени од кривично гонење за повеќе насилни дела.
Оваа ескалација ја отвора новата фаза од протестите, со повици за масовна мобилизација и целосна блокада на главниот град во знак на отпор кон полициската репресија.