ПРВ.мк
Балкан

ТРАГЕДИЈА ГО ПОТРЕСЕ БАЛКАНОТ - Четиригодишно момче се удави во базен на познат бич бар во Грција!

ТРАГЕДИЈА ГО ПОТРЕСЕ БАЛКАНОТ - Четиригодишно момче се удави во базен на познат бич бар во Грција!

Трагичен инцидент се случил на грчкиот остров Парос, каде четиригодишно момче го загуби животот откако се удавило во базен во комплекс со бич бар. Поради несреќата, која се случила во саботата попладне, полицијата ги уапсила сопственикот на објектот и родителите на детето, а сите тројца се соочуваат со сериозни обвиненија за предизвикување смрт поради небрежност. Сопственикот, кој воедно бил и официјално регистриран спасител на базенот, треба да се појави пред надлежен обвинител во судот во Сирос.

Според првичните информации од истрагата, родителите во критичниот момент се наоѓале во бич барот покрај морето и не биле во непосредна близина на базенот кога нивниот син се удавил. Двајца гости први го забележале детето без свест во водата и веднаш го алармирале персоналот. Еден од вработените го извлекол момчето и започнал со првични обиди за реанимација, по што екипа на итната помош го пренела во локалната клиника, каде лекарите продолжиле со реанимацијата, но за жал без успех.

По завршувањето на првичните законски процедури во саботата вечерта, родителите биле ослободени од притвор. Надлежните институции продолжуваат со истражните дејствија за целосно расчистување на околностите под кои дошло до трагедијата, при што посебен акцент е ставен на прашањето дали сопственикот на објектот навистина бил на должност како спасител во моментот кога се случило давењето.