Дејан Сипковски, таткото на 21-годишниот Мартин Сипковски кој загина во експлозија во стан во Белград, се огласи на Фејсбук со потресна објава во која ја демантираше верзијата дека неговиот син бил поврзан со поставување експлозив.
„Со длабока болка и неверување ја споделувам трагичната вест за смртта на мојот син Мартин. Тој имаше само 21 година, беше студент, манекен и поранешен ракометар на РК Вардар — млад човек со многу енергија, соништа и надежи за иднината“, напиша Сипковски.
Тој истакна дека во јавноста се појавиле бројни шпекулации, кои, според него, се целосно неточни. „Сакам јавно и одговорно да кажам дека тоа не е вистина. Мојот син никогаш не би одзел туѓ живот. Имаше грешки како и секој млад човек, но не беше насилен, ниту криминалец.“
Во статусот, Сипковски откри дека Мартин бил во домашен притвор во Македонија во рамки на истрага што, како што вели, „од самиот почеток беше сомнителна“. „Мартин не беше првообвинет во случајот, туку подоцна беше вклучен, иако вистинскиот обвинет одамна избегал во Белград и има сериозно криминално досие,“ наведе тој.
Таткото додава дека неговиот син бил исплашен и разочаран од пресудата, и дека побегнал во Белград „измамен и злоупотребен од луѓе кои ја искористиле неговата доверба“. „Постојат основани сомнежи дека Мартин бил наведен и наместен, со лажни ветувања дека ќе може да замине во трета држава,“ напиша Сипковски.
Тој побара целосна и темелна истрага од надлежните институции во Македонија и Србија. „Вистината мора да се открие до крај. Мартин не беше сторител, туку жртва на околности и манипулации што го надминаа неговото искуство и возраста,“ нагласи Сипковски.