ПРВ.мк
Балкан

Скандал во Србија: Вучиќевата власт ризикува да ја затвори истрагата за трагедијата во Нови Сад

Скандал во Србија: Вучиќевата власт ризикува да ја затвори истрагата за трагедијата во Нови Сад

Српската јавност е во шок поради одлуката на директорот на полицијата, Драган Васиљевиќ, кој на 4 септември официјално ја поништи согласноста за назначување 17 припадници на Ударната група за истрага на финансиските текови поврзани со падот на настрешницата во Нови Сад, јавува „Нова.рс“. Како причина за овој потег е наведено усвојувањето на нова систематизација на полицијата.

Со оваа одлука, иднината на самата Ударна група и напредокот на истрагата за трагедијата во која загинаа 16 лица се сериозно загрозени. Во Обвинителството за организиран криминал постојат уште четири други ударни групи, но нивната улога според новата систематизација засега не е доведена во прашање.

На ист ден, Владата на Србија ја разреши и Нада Новосел, помошник-директор во Управата за јавни приходи и главен инспектор на даночната полиција. Таа претходно именуваше инспектори во составот на Ударната група за истражување на корупцијата поврзана со падот на надстрешницата.

Ударната група предводена од Обвинителството за организиран криминал на 1 август спроведе акција во која беа обвинети повеќе лица, меѓу кои и двајца поранешни министри за градежништво, сообраќај и инфраструктура – Томислав Момировиќ и Горан Весиќ, за корупција поврзана со изградбата на железничката линија од Нови Сад до Келебија и трагичниот пад на настрешницата.

Темелната истрага за несреќата е едно од главните барања на српските студенти, кои од ноември минатата година протестираат за одговорност и правда за смртта на 16 недолжни лица. Одлуките на полицијата и владата предизвикаа загриженост дека напредокот на истрагата може да биде блокиран или забавен, што дополнително ги поттикнува протестите и јавниот притисок врз властите.

Escape