ПРВ.мк
Свет

Водени топови, солзавец и хаос на улиците: Над 400 уапсени на масовните протести во Франција

Водени топови, солзавец и хаос на улиците: Над 400 уапсени на масовните протести во Франција

Антивладините протести под слоганот „Да ги блокираме се“ го покажуваат длабокото незадоволство во Франција, токму на денот кога новиот премиер Себастијан Лекорну ја презеде функцијата, петти во последните две години.

Лекорну, конзервативен сојузник на претседателот Макрон и поранешен министер за одбрана, на свеченост во премиерската резиденција вети „длабок раскин“ со минатото, но улиците на Париз, Лил и Стразбур веќе беа преполни со демонстранти кои скандираа „Стоп на Макрон и буржоазијата“, известува Гардијан. Премиерот најави дека „во наредните денови“ ќе се обрати до нацијата со нов пристап, различен од претходниот, не само по метод.

Екстремната левица, претставена од партијата Неосвоена Франција (LFI), најави предлог за недоверба на Лекорну во парламентот, иако засега нема поддршка од другите партии.

Протестите ја илустрираат незадоволството на граѓаните од политиката на претседателот Емануел Макрон, предизвикувајќи судири со полицијата, прекини во сообраќајот, затворање на училишта и нарушување на јавните услуги.

Франција распореди 80.000 полицајци низ целата земја за да ги контролира протестите, а министерот за внатрешни работи Бруно Ретаџо предупреди на „нулта толеранција“ за насилство. И покрај повикот на левичарските организатори да „блокираат сè“, целосно блокирање не беше постигнато.

Според Министерството за внатрешни работи, 473 лица беа уапсени низ целата земја, од кои 203 во Париз, а 13 припадници на безбедносните сили се полесно повредени. Извештаите наведуваат дека околу 175.000 луѓе учествувале во протестите, на 550 собири низ Франција, пренесе BFMTV.

Escape