Јулија Мациевска сведочеше на судење против поранешниот директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, Никола Васев, и тројца онколози обвинети за несовесно лекување, тврдејќи дека нејзината ќерка Андријана Начевска не починала од карцином на дојка, туку од несоодветна терапија.
Мациевска истакна дека пред примањето на имунотерапиите, не ѝ било измерено телесната тежина на ќерка ѝ, што е критично за правилно дозирање на лековите. „Откако започна со примање на имунотерапии, состојбата ѝ се влоши“, сведочеше мајката, додавајќи дека симптомите биле сè посилни: температура, повраќање, дијареа и крварење од нос.
Таа опиша дека и покрај нејзините аларми за лошата состојба на ќерка ѝ, Васев и неговиот тим продолжиле со имунотерапиите, тврдејќи дека се „превентивни и најприродна биолошка терапија“. Мациевска посочи дека поради продолжената терапија, стомакот на нејзината ќерка се надувал, рацете и нозете отекувале, а телото се полнело со вода.
„Јас го прашував Нино, дека детето паѓа во несвест, но тој цело време ми велеше дека паничам. Не можам да кажам дека тие беа груби на почетокот, но со текот на времето стануваа ноншалантни. Нејзиниот живот беше доведен во опасност поради таа терапија“, сведочеше Мациевска.
Таа нагласи дека не бара материјална корист, туку правда: „Ќерката не умре од канцер на дојка, туку ја убија со тие хемии. Се приклучувам и кон кривичниот прогон, затоа што знаел што прави, но ја изгубил човечноста.“
Денешното рочиште продолжи без второобвинетата Мери Пешевска, која претходно призна вина. Васев и другите двајца обвинети, Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, ги негираа обвинувањата, тврдејќи дека се работи за „заговор“ и најавија дека ќе ги побијат доказите на Обвинителството.
Обвинението ги товари лекарите за „тешки дела против здравјето на луѓето“ и „несовесно лекување“, при што кај 29 пациенти биле применети неподобни терапии, без соодветна проценка на здравствената состојба. Дополнително, против Васев и поранешниот економски директор на Клиниката е поднесено обвинение за злоупотреба на службена положба и проневера, со штета од над 2,2 милијарди денари на државниот буџет.
Судскиот процес го води судијката Снежана Марковска, а случајот ја отвора сериозната дебата за безбедноста и одговорноста во лекувањето на пациентите на Клиниката за онкологија.