Чарли Кирк, влијателен десничарски активист и извршен директор на Turning Point USA (TPUSA), близок со американскиот претседател Доналд Трамп, беше ранет за време на настан на Универзитетот Јута Вали.
Снимките што се шират на социјалните мрежи го прикажуваат моментот кога Кирк е погоден додека зборуваше под шатор во дворот на универзитетот, додека студентите бегаа во паника од пукотниците. Настапот беше дел од турнејата American Comeback, организирана од локалниот огранок на TPUSA.
Неговото обезбедување потврди за Fox News дека е ранет, но моменталната состојба на Кирк е непозната. Универзитетската полиција потврди дека биле испукани куршуми, додека ФБИ испрати агенти за да ја поддржат истрагата и да обезбедат безбедност на местото на настанот.
Претседателот Трамп ја потврди веста и повика на молитви за Кирк: „Сите мора да се молиме за Чарли Кирк, кој беше застрелан. Одличен човек од глава до пети. БОГ ДА ГО БЛАГОСЛОВИ!“
Потпретседателот Џ.Д. Венс ја повика јавноста на молитви за Кирк, опишувајќи го како „добар човек и млад татко“, додека министерот за одбрана Пит Хегсет рече: „Нека раката на Исус Христос го допре“.
Гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом, го осуди нападот, нарекувајќи го „одвратен, гнасен и срамен“, додека сенаторот од Јута, Мајк Ли, истакна дека внимателно ја следи ситуацијата и ги повика граѓаните на молитви за Кирк и студентите кои биле присутни.