Познатиот актер и мајстор на боречки вештини Џеки Чен ќе биде амбасадор на специјализираната изложба ЕКСПО 2027, која за првпат ќе се одржи на Западен Балкан, во Белград.
Темата на настанот „Играј за човештвото - спорт и музика за сите“ има за цел да покаже како креативната игра преку спорт и музика може да ги поврзе луѓето и заеднички да одговори на глобалните предизвици. Џеки Чен во интервју за „Еуроњуз“ истакна дека спортот, музиката и културата не се одвоени, туку претставуваат различни јазици од ист дух. Тој верува дека Белград ќе биде место на средба на Истокот и Западот во 2027 година.
ЕКСПО 2027 ќе се одржи од 15 мај до 15 август, а се очекуваат повеќе од четири милиони посетители за време на 93 дена. Досега, 120 земји го најавија своето учество.
Претходно, српскиот претседател Александар Вучиќ го претстави легендарниот атлетичар Јусејн Болт како прв официјален амбасадор на ЕКСПО 2027, кој исто така изрази голема чест и возбуда што може да го претставува настанот пред светската јавност.