ПРВ.мк
Балкан

ШОК ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ТУРИСТИ: Семеен одмор во Хрватска достигнува и 3.700 евра, а еве колку чини лежалка во Црна Гора!

ШОК ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ТУРИСТИ: Семеен одмор во Хрватска достигнува и 3.700 евра, а еве колку чини лежалка во Црна Гора!

Додека илјадници Македонци ги планираат летните одмори, новите цени на Јадранот предизвикуваат изненадување кај многумина. Иако Црна Гора сè уште важи за една од подостапните дестинации, туристите сведочат дека и таму трошоците значително пораснале, додека Хрватска сè повеќе се вбројува меѓу најскапите медитерански туристички дестинации.

Во Будва, која со години е меѓу омилените места за летување на македонските граѓани, цените на плажите се повисоки во споредба со минатата сезона. Лежалките кои порано на одредени плажи беа бесплатни со задолжителна консумација, сега најчесто се наплаќаат посебно.

Според искуства на туристи кои моментално престојуваат во Будва, две лежалки и чадор на Словенска плажа чинат околу 15 евра, додека на некои плажи цената достигнува и до 25 евра. На популарната плажа Могрен, цените се уште повисоки, а само за чадор на одредени места се бараат и по 20 евра.

Поскапувањата се чувствуваат и во угостителските објекти. Кафе под две евра речиси и да не може да се најде, мало макијато се продава за околу 2,30 евра, газираните пијалаци достигнуваат над три евра, додека точено пиво чини околу 4,60 евра. Парче пица во зависност од локацијата се продава од три до четири евра.

Многумина избираат апартманско сместување со цел да заштедат на исхрана, но според туристите, и цените во маркетите бележат значителен раст. Месото, млечните производи, овошјето и зеленчукот се продаваат по цени кои во дел од случаите се повисоки од оние во Македонија.

Дополнително, во Црна Гора стапката на ДДВ изнесува 21 процент, што влијае врз крајните цени на производите и услугите.

Ситуацијата во Хрватска е уште поизразена. Според анализите, туристичките услуги таму поскапеле за околу 50 проценти во споредба со 2020 година. За едно четиричлено семејство кое ќе избере хотелско сместување со полупансион, седумдневен одмор во јули може да чини околу 3.460 евра, додека во август трошокот достигнува и до 3.720 евра.

Дури и апартманското сместување во екот на сезоната претставува сериозен трошок. За седум дена престој, семејствата треба да издвојат околу 2.500 евра, зависно од локацијата и условите.

Најскапи остануваат туристичките бисери како Дубровник, Хвар и Сплит, каде цените на сместувањето достигнуваат рекордни износи. Во некои делови од Сплитската ривиера, луксузните апартмани и вили достигнуваат и неколку илјади евра за едно ноќевање.

Во Истра, цените варираат во зависност од местото и категоријата на сместувањето, но и таму хотелскиот одмор за семејство може лесно да надмине неколку илјади евра за една недела.

Споредбите покажуваат дека Црна Гора и понатаму останува попристапна опција за македонските туристи, особено во делот на сместувањето, но растот на цените е забележлив и таму. Во исто време, летувањето во Хрватска за многу семејства станува сериозна финансиска инвестиција која лесно може да надмине 3.000 евра за само седум дена одмор.

Најнови вести