ПРВ.мк
Македонија

(ВИДЕО) НАПАД ПРЕД БУГАРСКАТА АМБАСАДА: Запалени дипломатски возила во центарот на Скопје, полицијата трага по сторителот!

(ВИДЕО) НАПАД ПРЕД БУГАРСКАТА АМБАСАДА: Запалени дипломатски возила во центарот на Скопје, полицијата трага по сторителот!

Сериозен инцидент се случил пред Амбасадата на Република Бугарија во центарот на Скопје, каде што биле опожарени две возила со дипломатски регистарски таблички. Според првичните информации, се работи за намерно подметнат пожар, а полицијата интензивно работи на пронаоѓање на лицето кое го предизвикало.

Од скопската Противпожарна бригада информирале дека по брзата интервенција пожарот бил ставен под контрола и спречено било негово понатамошно ширење.

„Опожарени се две патнички возила. Интервенираа тројца пожарникари со едно противпожарно возило“, изјавил командантот на скопската Противпожарна бригада, Звонко Томевски.

Според неговите информации, најголем дел од штетата е предизвикана во пределот на моторите на возилата, а околните објекти не биле зафатени од огнот.

Првичните сознанија укажуваат дека сторителот најпрво полил запалива течност врз возило „Сузуки Витара“, по што пожарот се проширил и на друго возило паркирано во непосредна близина. Од фотографиите направени на местото на настанот може да се забележи дека станува збор за возила со дипломатски ознаки.

По палењето, лицето избегало од местото на настанот. Полициски екипи веднаш го обезбедиле просторот пред амбасадата, додека други тимови преземаат активности за идентификација и пронаоѓање на осомничениот.

На коловозот останале видливи траги од интервенцијата за гаснење на пожарот. Засега нема информации за повредени лица.

Инцидентот се случува во период кога односите меѓу Македонија и Бугарија повторно се под лупа на јавноста, што дополнително го зголемува вниманието околу овој случај.

ВИДЕО

Најнови вести