Претседателката на Урсула фон дер Лајен упати остри пораки кон Русија, најавувајќи дека лидерите на Г7 ќе разговараат за нови мерки со кои дополнително ќе се зголеми притисокот врз Москва и ќе се обидат да ја приближат кон преговарачката маса.
Во објава на социјалната мрежа X, Фон дер Лајен се осврна на последните напади врз Украина, при што наведе дека има цивилни жртви и сериозни оштетувања на Киевско-печерска лавра, еден од најзначајните православни комплекси и локалитет под заштита на УНЕСКО. За нападот врз манастирскиот комплекс, Русија претходно ги отфрли обвинувањата и негираше одговорност.
„Лидерите на Г7 денеска се состануваат во Евијан, каде што ќе разговараме за следните чекори за зголемување на притисокот врз Русија, за носење на Путин на преговарачка маса и за ставање крај на ова бесмислено убивање“, напиша Фон дер Лајен.
Таа нагласи дека Европа се залага за мир, но дека најголема желба за прекин на војната има украинскиот народ.
„Европа сака мир. Но, никој не го посакува повеќе од Украинците. Од друга страна, Русија уште еднаш покажа дека нејзиниот единствен интерес се насилството и разурнувањето“, порача Фон дер Лајен.
Во меѓувреме, Володимир Зеленски соопшти дека украинските служби за итни интервенции успеале да го изгаснат пожарот на покривот на Успенскиот соборен храм во рамки на Киевско-печерската лавра. Според украинските власти, пожарот избувнал по нападите врз Киев.
Зеленски додаде дека надлежните служби продолжуваат со расчистување на последиците од нападите и во Киев и во Харков, додека состојбата на теренот и понатаму останува тензична.







