Игуменот на манастирот Успение на Пресвета Богородица на Пелопонез, неговиот помошник и уште четири лица добија мерка притвор по апсењето во понеделникот за поседување и продажба на икони и антички предмети, јави дописничката на МИА од Атина.
По повеќечасовното сослушување пред јавен обвинител во судот во Коринт, на сите им е одреден притвор поради обвиненија за формирање, раководење и членство во криминална организација, проневера, непријавување на културно наследство и тргување со реликвии и антиквитети.
Игуменот и неговиот помошник беа уапсени додека се обидувале да продадат десетина византиски икони и две евангелија за 200.000 евра на полицаец кој се претставил како купувач.
При претресите, кај уапсените беа пронајдени и запленети 263 монети, 14 икони, две евангелија, верска книга од 18 век, две ловџиски пушки, 262 ловџиски патрони и 12.810 евра.
Манастирот Успение на Пресвета Богородица, познат и како Мега Спилео (Голема пештера), се наоѓа во Калаврита, на Пелопонез, и според старите традиции, бил основан од солунските монаси Симеон и Теодор, а е поврзан и со чудесното пронаоѓање на иконата на Пресвета Богородица во 362 година.