Премиерот на Албанија, Еди Рама, на Фејсбук објави видео снимено со дрон од албанското воздухопловство, на кое јасно се гледа моментот кога лице намерно подметнува пожар. Снимката е направена со дрон „Бајрактар“, а Рама порача дека ваквото дело е не само злосторство, туку и предавство кон земјата и иднината на децата.
Тој истакна дека државната полиција е веќе на терен за да ги приведе сите кои се „играат со оган“ на заедничкиот имот. Во услови на глобално затоплување и чести пожари низ медитеранските земји, Рама најави дека во Кривичниот законик намерното подметнување пожар ќе биде изедначено со убиство.
Во последните 24 часа во Албанија биле регистрирани речиси 40 пожари, од кои повеќето се изгаснати од стотици пожарникари и војници, но повеќе од десет сè уште се активни. Од почетокот на јули изгореле околу 34.000 хектари, според Европскиот информациски систем за шумски пожари (EFFIS).
Полицијата тврди дека голем дел од пожарите биле намерно подметнати, а во последните недели биле уапсени повеќе од 20 лица. Во јужниот крајбрежен регион Финик, каде и понатаму гори, околу десет лица биле евакуирани, а неколку куќи целосно изгореле. Околу 800 албански војници, заедно со воени авиони и хеликоптери од соседни земји, учествуваат во гаснењето на пожарите.