Во раните утрински часови вчера, силна експлозија ја погоди фабриката за експлозиви „Енаекс Бразил“ во градот Кватро Барас, во близина на Куритиба, Бразил, при што животот го загубија девет лица, а седум други се повредени. Според официјалното соопштение од компанијата, меѓу загинатите се шест мажи и три жени.
Командантот на Противпожарната бригада на државата Парана, полковник Хилер, објасни дека експлозијата се случила во објект од само 25 квадратни метри каде се подготвувале експлозиви за транспорт. Објектот бил целосно уништен, а околните куќи и деловни простории претрпеле значителна штета.
Три лица кои се наоѓале надвор од самиот центар на експлозијата добиле полесни повреди. Пожарот што избувнал по експлозијата бил локализиран, а поради ризикот од нови детонации, спасувачките тимови почнале со потрага по телата на загинатите дури кога експертите потврдиле дека нема повеќе опасност.
Индустрискиот директор на „Енаекс Бразил“, Даниел Оливеира, изјави дека компанијата обезбедила тим психолози за да ги поддржи семејствата на жртвите, додека повредените се згрижени во болница и нивната состојба е стабилна. „Сите сме потресени. Ова е голема трагедија за нашата компанија, за заедницата и за сите вработени“, рече Оливеира.