Уапсен е 55-годишен скопјанец кој вчера извршил опасен и неразумен напад врз полициски хеликоптер кој бил во мисија за гасење на пожар. Според информациите од Министерството за внатрешни работи (МВР), лицето идентификувано како И.А. од Скопје, ќе се соочи со кривична пријава за загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај.
Инцидентот се случил додека полицискиот хеликоптер од типот Белл 412 се обидувал да наполни вода од реката Вардар, во близина на вливот на реката Лепенец, со цел да се изгасне пожар во реонот на Блаце.
Наместо да помогне или барем да не пречи на спасувачките напори, И.А. влегол во плиткиот дел на реката, мавтал со раце и фрлал камења кон хеликоптерот. Со тоа, сериозно ја загрозил безбедноста на екипажот и ја попречил итната мисија за заштита на шумите и населените места.
Поради нападот, пилотите биле принудени да го променат местото од кое полнеле вода, бидејќи безбедноста на летот била директно загрозена. Овој инцидент не само што претставува закана за животите на членовите на екипажот, туку и заштитата на животната средина и имотот на граѓаните била доведена во прашање.
МВР потврди дека против И.А. ќе биде поднесена кривична пријава, а надлежните институции ќе постапат согласно законските прописи.