Граѓаните на Србија ќе ја добијат најавената еднократна финансиска помош порано од првично планираното. Наместо кон крајот на септември или почетокот на октомври, исплатите се очекува да започнат до 15 септември, а можно е дел од средствата да бидат префрлени на сметките и околу 10 септември.
Новиот пакет финансиска поддршка е вреден околу 600 милиони евра и е наменет пред сè за пензионерите, борците и социјално ранливите категории граѓани.
Највисока еднократна помош од 35.000 динари ќе добијат пензионерите чии месечни примања не надминуваат 31.092 динари.
Пензионерите со пензии од 31.092 до 56.851 динар ќе добијат 27.500 динари, а во оваа категорија се наоѓаат повеќе од половина милион корисници.
За пензионерите со месечни примања над 56.851 динар е предвидена еднократна исплата од 20.000 динари.
Дополнително, корисниците на социјална помош, детски и борачки додаток ќе добијат по 25.000 динари како дел од мерките за поддршка на животниот стандард.
Српските власти најавуваат дека финансиска помош ќе добијат и останатите полнолетни граѓани, но деталите за моделот и точните термини на исплата ќе бидат соопштени во наредниот период.








