ПРВ.мк
Балкан

Крварење од нос и модринки – сѐ повеќе пациенти бараат итна помош

Крварење од нос и модринки – сѐ повеќе пациенти бараат итна помош

Лекарите од Итната медицинска помош деновиве бележат зголемен број повици од пациенти кои користат лекови за разредување на крвта, а најчестите симптоми поради кои бараат помош се крварење од носот, појава на модринки, крварење од непцата и крв во урината.

Според докторката Данијела Јевтиќ, овие симптоми можат да укажуваат дека терапијата има посилен ефект од очекуваното, па затоа пациентите треба навреме да се консултираат со својот лекар.

Таа предупредува дека одредени намирници можат дополнително да го зголемат ризикот од крварење кај лицата кои земаат антикоагулантни лекови. Меѓу нив се куркумата, ѓумбирот, циметот, лукот, лутите пиперки и храната богата со витамин Е.

Од друга страна, зеленчукот богат со витамин К, како спанаќот, брокулата, кељот, блитвата, карфиолот и магдоносот, може да влијае на дејството на овие лекови, поради што исхраната треба да биде усогласена со препораките на лекар.

Специјалистите советуваат пациентите кои користат терапија за разредување на крвта да не прават поголеми промени во исхраната без претходна консултација со медицинско лице и веднаш да побараат лекарска помош доколку забележат необично или продолжено крварење.