ПРВ.мк
Балкан

ПАДНА ПО МЕЃУНАРОДНА ПОТЕРНИЦА: Македонец уапсен во Црна Гора за обид за убиство!

ПАДНА ПО МЕЃУНАРОДНА ПОТЕРНИЦА: Македонец уапсен во Црна Гора за обид за убиство!

Деветнаесетгодишниот македонски државјанин Андреј Танасковски е уапсен во Никшиќ во рамки на полициска акција поврзана со истрагата за обидот за убиство на Марко Љ. од Будва, познат под прекарот Кан. Според црногорските медиуми, тој важи за високопозициониран член на Шкаљарскиот криминален клан.

Според информациите од црногорската полиција, Танасковски бил лоциран во изнајмен стан во населбата Видрован во Никшиќ. За време на акцијата бил приведен и 34-годишниот Н. Марковиќ од Никшиќ, кој е осомничен дека му помогнал на македонскиот државјанин да се крие и да го избегне откривањето од страна на полицијата.

Истражните органи го поврзуваат Танасковски со обидот за убиство што се случил на 7 август 2025 година во хотелскиот комплекс „Маестрал“ во Будва. Поради сомневањата против него, НЦБ Интерпол Подгорица претходно распишал меѓународна потерница.

Од Полициската управа на Црна Гора соопштија дека акцијата ја реализирале службеници од Регионалниот безбедносен центар „Запад“, во координација со Секторот за борба против криминалот.

„Во акцијата беше пронајден и, врз основа на меѓународна потерница издадена од НЦБ Интерпол Подгорица, лишен од слобода е А.Т. (19), државјанин на Северна Македонија, кој се сомничи за обид за убиство на припадник на спротивставена криминална група“, наведоа од црногорската полиција.

Во истата акција, по налог на државен обвинител од Основното државно обвинителство во Никшиќ, бил приведен и Н. Марковиќ, против кого е поведена постапка поради сомнение дека сторил кривично дело помагање на сторител по извршување на кривично дело.

Црногорските власти информираат дека истрагата продолжува, а надлежните институции работат на целосно расветлување на сите околности поврзани со случајот и евентуалната вмешаност на други лица.