Вистински хаос се случил во бугарскиот град Средец, каде што масовна тепачка меѓу две семејства прераснала во насилен судир во кој биле употребени секири, мотики и дрвени стапови. Во инцидентот се повредени четири лица, а полицијата интервенирала за да ја стави ситуацијата под контрола.
Според информациите на Регионалната дирекција на Министерството за внатрешни работи во Бургас, инцидентот бил пријавен околу 21:45 часот во саботата, 26 јули. Тепачката избувнала во дворот на приватна куќа на улицата „Тодор Каблешков“, каде што дошло до физичка пресметка меѓу две групи браќа.
Од едната страна биле двајца браќа на возраст од 35 и 37 години, а од другата тројца браќа на возраст од 42, 45 и 46 години. Конфликтот брзо ескалирал, при што учесниците почнале меѓусебно да се удираат по главата и телото со секири, мотики и дрвени стапови.
Според бугарските медиуми, во текот на пресметката во судирот се вклучиле и повеќе нивни роднини и пријатели, поради што инцидентот прераснал во масовна тепачка.
Полициските службеници привеле по еден брат од секое семејство и им одредиле задржување до 24 часа, додека продолжува истрагата за целиот случај.
Во насилниот инцидент повредени се четири лица, кои биле пренесени на болничко лекување. Најтешко повреден е 45-годишен маж, кој се здобил со скршени ребра и перфориран бел дроб. Тој е хоспитализиран во Болницата за срце и мозок, каде што му се укажува медицинска помош.
Надлежните органи започнаа предистражна постапка и работат на утврдување на сите околности што довеле до насилниот судир. Во моментов се испитуваат причините за конфликтот, како и одговорноста на сите лица кои учествувале во тепачката.









