Осумчлено семејство е пронајдено мртво во семејна куќа во американската сојузна држава Мичиген, по пожар што ја зафатил нивната куќа. Надлежните случајот го истражуваат како убиство и самоубиство, а истрагата продолжува за да се утврдат сите детали за трагичниот настан.
Телата на шест деца и нивните родители биле пронајдени откако пожарникарите пристигнале на местото на пожарот во општината Гранд Хејвен, во округот Отава.
Според информациите од канцеларијата на шерифот, сите членови на семејството починале од прострелни повреди. По извршените обдукции било утврдено дека 47-годишниот Кристофер Каролкевич е одговорен за сопствената смрт, додека смртта на неговата 39-годишна сопруга Аманда и нивните шест деца е третирана како убиство.
Имињата на децата не се објавени во јавноста. Станува збор за четири момчиња и две девојчиња, на возраст од пет до 15 години. Според властите, дел од децата биле биолошки, а дел биле посвоени.
Капетанот на шерифската канцеларија, Џејк Спаркс, случајот го опиша како „неопислива трагедија“, додавајќи дека истражителите ќе продолжат со работа за да го откријат мотивот и сите околности што довеле до настанот.
Пожарникарите првично добиле пријава за чад во раните утрински часови, но не успеале веднаш да го лоцираат изворот. Неколку часа подоцна повторно биле повикани поради нова пријава за чад што излегувал од домот, по што биле откриени трагичните последици.
Истрагата покажала дека пожарот најверојатно бил намерно предизвикан на повеќе места во куќата, а најголема штета била забележана во подрумскиот дел. Во пожарот загинале и домашните миленици на семејството.
Од полицијата информираат дека засега нема други осомничени лица и дека собраните докази укажуваат дека пожарот бил предизвикан по смртта на членовите на семејството.
Властите продолжуваат со детална истрага за да се реконструира целиот тек на настаните и да се дадат одговори за една од најтешките семејни трагедии што ја потресе локалната заедница.








