Собранието на Црна Гора ги усвои измените на Законот за здравствено осигурување, со кои на жените со дијагностицирана секундарна дисменореја им се овозможува право на два дена платено отсуство месечно.
Според усвоените измени, ова право не важи за сите жени, туку само за оние кај кои болните менструални циклуси се предизвикани од дијагностицирани гинеколошки заболувања, како што се ендометриоза, миоми, полипи, воспаленија на јајниците, синдром на полицистични јајници и други слични состојби.
Иницијативата за измените ја поднесе независната пратеничка Јевросима Пејовиќ во март годинава, а предлог-законот претходно едногласно доби поддршка од Одборот за здравство, труд и социјална грижа и од Законодавниот одбор.
Во образложението на законот се наведува дека целта е подобро да се регулираат здравствените состојби поврзани со секундарната дисменореја, да се намалат предрасудите на работното место и да се овозможи подобар баланс меѓу зачувувањето на здравјето и професионалните обврски.
Секундарната дисменореја претставува состојба при која менструалните болки се последица на претходно дијагностицирани гинеколошки заболувања. Освен силни грчеви, може да биде придружена со мачнина, замор, обилни крварења, болни полови односи, проблеми при мокрење и, во одредени случаи, неплодност.
Со новите законски измени, оваа состојба официјално се признава како основ за привремена спреченост за работа, со право на платено отсуство.









