ПРВ.мк
Балкан

Од министри и црковниот врв до „Ноќните волци“: Кој сè беше на погребот на Ратко Младиќ?

Од министри и црковниот врв до „Ноќните волци“: Кој сè беше на погребот на Ратко Младиќ?

На погребот на Ратко Младиќ во Белград присуствуваа високи функционери од Србија и Република Српска, претставници на Српската православна црква, политичари, ветерани и членови на десничарски организации. Поранешниот командант на Војската на Република Српска беше правосилно осуден на доживотен затвор за геноцид во Сребреница и други воени злосторства и злосторства против човештвото.

Погребот беше одржан на 7 септември на гробиштата Топчидер во Белград, со државни и воени почести. Церемонијата ја предводеше српскиот патријарх Порфирије, а меѓу присутните беше и рускиот амбасадор во Србија, Александар Боцан-Харченко.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, не присуствуваше поради претходно најавена средба со претседателот на Узбекистан, но на погребот беше неговиот син Данило Вучиќ.

Според јавно достапните фотографии и снимки, на погребот присуствуваа и шест министри од Владата на Србија – министерот за правда Ненад Вујиќ, министерот за одбрана Братислав Гашиќ, министерката за труд Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски, министерот за култура Никола Селаковиќ, министерот за јавни инвестиции Дарко Глишиќ и министерот без ресор Ненад Поповиќ.

Меѓу присутните беше и поранешниот српски министер Александар Вулин, како и лидерот на Нова ДСС, Милош Јовановиќ.

Од Република Српска во Белград пристигнаа членката на Претседателството на БиХ Жељка Цвијановиќ, Милорад Додик, претседателот на Република Српска Синиша Каран, премиерот Саво Миниќ и градоначалникот на Бања Лука, Драшко Станивуковиќ.

На церемонијата беше забележан и Веселин Шљиванчанин, кој беше осуден пред Хашкиот трибунал и отслужи затворска казна за злосторствата на Овчара.

Значително присуство имаше и од различни ветерански организации. Меѓу нив биле ветерани од специјалните полициски единици, членови на здружението „Хероји Кошара“ и поранешни припадници на Црвените беретки.

Според објавените снимки и информации, на погребот биле присутни и претставници на повеќе десничарски и крајнодесничарски организации, а на влезот во црквата биле забележани и членови на рускиот мотоциклистички клуб „Ноќни волци“, кој е под санкции на ЕУ и САД поради неговите врски со Кремљ и поддршката за руската инвазија врз Украина.

Присуството на високи политички и црковни претставници предизвика реакции и критики од регионот и од западни претставници. Министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина најави повлекување на речиси целиот дипломатски персонал од Амбасадата на БиХ во Србија.

Младиќ во 2021 година беше правосилно осуден на доживотен затвор по 10 од 11 точки од обвинението. Меѓу другото, беше прогласен за виновен за геноцидот во Сребреница во 1995 година, прогон, убиства, присилно преместување и депортација, тероризирање на цивилното население во Сараево и земање припадници на ОН како заложници.