На граничниот премин Бајаково, хрватските царински службеници викендов спречиле обид за шверц на огромна количина луксузни парфеми кои требало нелегално да бидат внесени во земјата.
Како што соопшти Царинската управа на Хрватска, бугарски државјанин се обидел да пренесе 12.189 парчиња разни парфеми, чија пазарна вредност се проценува на речиси 1,4 милиони евра.
По деталната контрола на возилото, цариниците откриле дека пратката не била пријавена, а постои сомнеж дека станува збор за фалсификувани производи што ги нарушуваат правата на интелектуална сопственост.
Против возачот е издаден прекршочен налог, а запленетата стока е задржана до завршување на постапката.
Од Царинската управа потсетуваат дека обидите за нелегално внесување стока со комерцијална вредност се строго казниви и апелираат до сите граѓани и превозници навремено да ја пријавуваат сета стока што ја превезуваат, со цел да се избегнат високи казни и кривични последици.
Оваа заплена се вбројува меѓу најголемите случаи на шверц на луксузна стока во последниот период, а истражителите не исклучуваат можност дека зад случајот стои организирана мрежа за трговија со фалсификувани брендови.















