Новиот претседател на Романија, проевропскиот центрист Никушор Дан, математичар образован на Сорбона, има историја на активизам против неконтролираниот развој на недвижности и корупцијата пред да влезе во политиката, опишан е како смирен и методичен, а често е виден како ја води ќерката на училиште, коментираат светските агенции.
Неговиот прв предизвик ќе биде именување на премиер и брзо формирање на ново владејачко мнозинство за да се реши најголемиот буџетски дефицит во ЕУ и да се обиде да избегне намалување на рејтингот од последната скала на инвестицискиот ранг.
Дан (55), кој вети дека ќе се пресмета со корупцијата, цврсто го поддржува членството на Романија во Европската Унија и НАТО, а во предизборната кампања рече дека поддршката на неговата земја за Украина е од витално значење за сопствената безбедност.
Како независен градоначалник на Букурешт во два мандата, Дан има искуство во преговарање за мнозинство, а доказ за тоа колку е мотивиран е тоа што двапати се кандидира за највисоката функција во главниот град на Романија пред да биде избран од третиот обид.
Политичката кариера ја почнал како граѓански активист во борбата против букурешката мафија за недвижности, кога во 2006 година, реагирајќи на уривањето на куќи од архитектонското наследство и изградбата на високи згради во заштитените населби на Букурешт, како и на намалувањето на бројот на зелени површини, го основа „Здружението за спас на Букурешт“.
Дан во 2020 година стана првиот независен градоначалник на Букурешт, со поддршка на опозициските партии, а повторно беше избран во 2024 година. За време на мандатот се фокусираше на борба против корупцијата, унапредување на јавната инфраструктура и транспарентност во работата на локалните власти.
Неговата најава од 16 декември минатата година дека ќе се кандидира на претседателските избори беше изненадување, со оглед на тоа што претходно изрази намера да отслужи барем уште еден мандат како градоначалник на Букурешт, наведувајќи дека ќе му бидат потребни најмалку два-три мандати „за да среди сè“ во романскиот главен град.