Омилената пролетна салата под лупа: Комбинацијата од краставици и домати не е секогаш здрава, предупредуваат нутриционистите
Класичната пролетна салата од краставици, домати, масло, сол и бибер за многумина претставува неодолива свежа комбинација. Но, според дел од нутриционистите, токму овој популарен спој може да има и свои скриени недостатоци.
Руската нутриционистка Аљона Парецка наведува дека, иако и доматот и краставицата се богати со корисни нутриенти, нивната заедничка консумација може да доведе до намалување на нутритивната вредност.
– Доматот содржи значајни количини на витамин Ц (аскорбинска киселина), додека краставицата има ензим наречен аскорбиназа, кој го разградува овој витамин и ја намалува неговата биолошка активност – објаснува Парецка.
Со други зборови, при комбинирано јадење, дел од вредните состојки – особено витамин Ц – се губат, што ја намалува корисноста на салатата од нутриционистички аспект.
Дополнително, високата содржина на вода во краставицата и киселоста на доматот може кај чувствителни лица да предизвикаат дигестивни тегоби, како што се надуеност, непријатност во стомакот, па дури и дијареа. Според некои стручњаци, проблемот произлегува и од тоа што краставицата создава алкална, а доматот кисела средина во желудникот – комбинација што доведува до неутрализација на одредени корисни материи.
Иако повремено консумирање на оваа салата нема да предизвика сериозни здравствени проблеми кај повеќето луѓе, експертите препорачуваат претпазливост кај лицата со чувствителен желудник или нарушена дигестија.
Совет: За да ги задржите нутритивните придобивки од двете намирници, подобро е да ги консумирате одделно – на пример, доматот со сирење или маслинки, а краставицата со јогурт или други свежи зеленчуци.